Главните подофицери во командите и единиците на Армијата на Република Македонија на денешната годишна конференција во Домот на АРМ пред началникот на Генералштабот на АРМ генерал потполковник Методија Величковски и командантите на командите и единиците на АРМ брифираа за реализираните и претстојни активности на подофицерскиот кор на АРМ.
Генералот Величковски симболично првпат во АРМ изврши доделување на ознаките за должноста главен и прв подофицер во АРМ, согласно со Уредбата за единствен знак за припадност на АРМ, униформата, ознаките на чиновите, на родовите и службите, ознаките на единиците, како и начинот и условите за нивно носење.
Во изјавата за медиумите главниот наредник Љупчо Стојков истакна дека денеска е посебен ден за подофицерскиот кор во АРМ затоа што за првпат се врши означување на главните подофицери и првите подофицери во АРМ согласно Уредбата. Посочи дека за да биде поставен на позиција главен подофицер, подофицерот мора да заврши подофицерска академија во партнерски армии на НАТО и да го имаат целосниот легитимитет и стручно знаење да бидат оние што ќе ги пренесуваат информациите.
Подофицерскиот кор во АРМ и армиите на НАТО е особено значаен со улогата на компетентни тренери со развиени лидерски карактеристики и способности и претставува еден од главните столбови во изведување на воената обука. Тие се синоним за професионализам, стручно знаење и едуцираност. Постои за да овозможи поефикасно функционирање на командувањето. Подофицерите се лидери во своите единици и најодговорните луѓе за обуката и подготвеноста за извршување на кој било дел од мисиите што ни претстојат.
Исто така во понатамошниот период од страна на командантите на потчинетите команди и единици ќе им се доделат ознаките на главните подофицери во истите команди и единици.