Триесет и седмата генерација војници кои доброволно се пријавија да го отслужуваат воениот рок , денес во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” во Велес дадоа свечена заклетва.
Во наредните три месеци 86 војници меѓу кои и 6 припаднички од понежниот пол, ќе се стекнуваат со знаење и вештини од основната воена обука во Центарот за индивидуална обука.
На воената свеченост присуствуваа: Заменикот на началникот на генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, заменикот на командантот на Здружената оперативна команда, бригаден-генерал Орце Јордев, градоначалникот на општина Чашка и претставници од командите и единиците на Армијата, претставници од локалната самоуправа, роднини на војниците и други гости.
Заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, им ја честита дадената заклетва на војниците, посакувајќи им успех во обуката во редовите на Армијата, да се залагаат во секое поле и да бидат совесни и дисциплинирани. Воедно на припадничките од понежниот пол им го честита меѓународниот ден на жената 8-ми март и им посака здравје, среќа, радост и успех на сите полиња.
Командантот на Центарот за индивидуална обука, потполковникот Мухамед Ибраими во своето обраќање кон војниците порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката. Тој посочи дека со служење на воениот рок се отвора можноста за приклучување во професионалниот состав на Армијата.
ГС