Во касарната „Илинден“ во Скопје, со воена свеченост, припадниците на инженерискиот баталјон (инжб) го одбележаа „13. Ноември – Денот на единицата“.
На свеченоста присуствуваа: заменик на командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Орце Јордев, Началникот на штаб на 1.механизирана пешадиска бригада, команданти на единици на Армијата, поранешни команданти и вработени во инжб, претставници од цивилни фирми со кои соработува баталјонот и други гости.
Во својот говор командантот на инжб, потполковник Арбен Јакупи се осврна на минатото, формирањето на инженериската бригада како ден за паметење, ден за гордеење, ден за почитување. Инженерискиот баталјон ги негува и продолжува традициите на инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска, формирана на 13 ноември 1944 година. Исто така нагласи дека во изминатата година и покрај фактот што баталјонот се соочи со разни предизвици, беа реализирани повеќе вежби и активности, во кои е даден максимумот.
Заменик на командантот на КО, бригаден генерал Орце Јордев, истакна дека во новата структура и формација на Армијата, свое место ќе имаат и припадниците на инженерискиот баталјон кои претставуваат спој на исклучителен професионализам, посветеност и пожртвуваност во извршување на задачите. Без сомнеж, тие и во иднина професионално и ефикасно ќе продолжат да се носат со предизвиците на новото време.
По повод Денот на единицата беа прочитани честитки и доделени стимулативни мерки. За најдобар вод беше прогласен пионерскиот вод од 1.инженериска чета, а претходно беше реализирана и акција за доброволно дарување на крв.
Свеченоста заврши со тактичко – технички збор, на кој беа презентирани дел од средствата со кои располага единицата.
СЈ/ЧС