Командантот на Командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски оствари средба со штабните офицери на Армијата кои заминуваат во Командата за обука советување и асистенција на главниот град (КОСА ГГ) и персоналот од единицата за заштита на сили (еЗС) на главната команда во мировната операција „Одлучна поддршка“ во ИР Авганистан, штабните офицери за мировната операција ЕУФОР „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина и со штабните офицери во мисијата „УНИФИЛ“ во Либан.
За време на средбата, генералот Арсоски им порача дека преку учеството во мисијата „Одлучна Поддршка“, како и во останатите мисии предводени од ЕУ и ОН, Армијата го потврдува својот придонес во зачувувањето на глобалниот мир и безбедност и од нив се очекува достојно и професионално извршување на задачите со што би го задржале и унапредиле нивото на нивните претходници.
На штабните офицери им претходеше соодветна стручна подготовка, што претставува потврда за успешно извршување на мисијата и одговор на предизвиците со кои ќе се соочат во следните шест месеци на должностите во рамките на командата за обука советување и асистенција на главниот град (КОСА ГГ), мировната операција ЕУФОР „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина и во мисијата „УНИФИЛ“ во Либан.
ЧС/ПА