Редовниот годишен состанок на замениците на началници на генералштабови на армиите на земјите членки на Иницијативата за соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (СЕДМ) кој оваа година требаше да се одржи во Букурешт, Романија, поради мерките за спречување на ширење на вирусот КОВИД-19 оваа година се одржа преку видео телеконференциска врска.
Заменик на началникот на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Азим Нуредин во своето обраќање ја истакна нашата посветеност, како 30-та земја-членка на НАТО и докажан партнер, во следните шест години да ги исполниме сите обврски на земја домаќин на седиштето на командата на бригадата.
На состанокот се презентирани позначајните активности на СЕДМ процесот во изминатата година, како и активностите на бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG), со акцент на подготвеноста на командата на оваа бригада за нејзина релокација од Лариса, Република Грција во Куманово, Република Северна Македонија, кое е планирано да се реализира во август оваа година, за кое присутните беа запознаени од страна на командантот на бригадата, бригаден генерал Тудорика Петраче.
Помеѓу останатото е разговарано за состојбата и влијанието на пандемијата КОВИД-19 во регионот, како и за одржување на претстојната симулациска вежба „SEESIM-20“ на Армиите на земјите членки на СЕДМ која се планира да се одржи во ноември 2020 во Велес, Република Северна Македонија
Осврт на актуелната состојба и значењето на процесот СЕДМ за регионалната безбедност обраќање до учесниците имаше и претседавачот на политичко воениот комитет на СЕДМ, и актуелен заменик на министерот на одбраната на Република Албанија, Петр Кочи.
Во СЕДМ иницијативата покрај Република Северна Македонија партиципираат Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Грција, Грузија, Италија, Романија, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Хрватска и Црна Гора, а Молдавија има статус на набљудувач. Со нашето полноправно членство во НАТО од оваа година сите членки на бригадата СИБРИГ се дел од Алијансата.
Процесот е инициран од Соединетите Американски Држави во 1996 година во Тирана, со цел јакнење на разбирањето, политичко-воената соработка и подобрување на стабилноста и безбедноста во регионот со целосна посветеност на принципите на сувереност и територијален интегритет на сите земји членки.