По повод националниот празник, Илинден – Ден на Републиката, Армијата на Република Северна Македонија со воени почести и полагање на свежо цвеќе во Скопје, Пелинце и Крушево од страна на високи воени делегации учествуваше во одбележувањето на 117 години од Илинденското востание и 76 години од првото заседание на АСНОМ.
Делегацијата предводена од Началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, директорот на генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески ја предводеше делегацијата која положи свежо цвеќе на спомениците на Никола Карев, на Слива и Мечкин Камен во Крушево, додека делегацијата со заменик на командантот на командата за операции, бригаден генерал Орце Јордев се поклони пред спомениците на АСНОМ, на Никола Карев, на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто и споменикот на слободата во Скопје.
Оваа година чествувањата се одвиваа под посебен режим и во согласност со протоколот за одбележување на државни празници во услови на епидемијата предизвикана од „Ковид 19“.