Припадниците на Армијата на Република Северна Македонија од 12-та ротација во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан, за прв пат како полноправна членка на НАТО, свечено и достоинствено и со почитување на сите предвидени мерки за заштита од COVID-19 го одбележаа 8-ми Септември – Денот на Независноста на Република Северна Македонија.
Одбележувањето се спроведе во локациите каде што се распоредени нашите припадници во Главната Команда на мисијата и во командите за обука, советување и асистенција (КОСА), „Главен Град“ и „Север“.
Во базата на Главната команда на „Одлучна поддршка“ во Кабул, во присуство на припадници од повеќе коалициски сили беше спроведено свечено постројување и поздравување на државното знаме. На свечениот чин покрај припадниците на Армијата кои извршуваат задачи во оваа команда присуствуваше и командантот на мисијата „Одлучна поддршка“, генералот Скот Милер, кој ги поздрави сите припадници од македонскиот контингент притоа честитајќи го Денот на Независноста.
На прославата во базата на командата на КОСА ГГ покрај припадниците на МАККОН-12, свеченоста со свое присуство ја збогатија: командантот на базата Самет Јуксел и командантот на КОСА-ГГ, бригаден генерал Ахмет Денер, најстарите национални претставници на земјите кои имаат свои учесници во КОСА-ГГ, како и наши државјани кои работаат во базата како контрактори.
По повод празникот од страна на припадниците на 12-та ротација во КОСА-ГГ, беше извршена замена на државното знаме, кое се истакнува на јарбол заедно со државните знамиња на останатите земји членки на НАТО.
ЈИ/JM/БН