Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес ги посети кандидатите кои се наоѓаат на стручно оспособување и усовршување на основниот курс за подофицери, кој се реализира во Центарот за обука Пепелиште и армискиот полигон Криволак.
При обиколката на првата група на припадници на Армијата, која се наоѓа на стручно оспособување и која по завршетокот на курсот ќе се стекне со подофицерски чин, генералот Ѓурчиновски направи увид во обемот и начинот на реализација на оспособувањето кое е под надлежност на Командата за обука и доктрини.
Обраќајќи се пред слушателите на курсот–кандидати за подофицери, началникот на Генералштабот најпрво ги информираше за актуелниот ангажман на Армијата во асистенција на институциите во справување со пандемијата предизвикана од Ковид 19, по што го истакна значењето на подофицерите во ланецот на командување во Армијата и особено во процесот на обуката каде тие ќе бидат главните носители, како што е во сите армии на земјите членки на НАТО.
Притоа истакна дека влогот и тежнеењето за добивање на подофицерски чин на оваа прва генерација на подофицери, по нашето полноправно членство во НАТО, добива уште поголемо значење од причина што тие ќе бидат првите НАТО подофицери во вистинска смисла, бидејќи тактиките, техниките и постапките во текот на обуката се според сите стандарди на НАТО.
Тековниот курс за подофицери е прв од двата кои ќе се реализираат и на кој учествуваат по 60 кандидати за подофицери, кои се избрани од сите единици на Армијата на Република Северна Македонија, согласно Правилникот за начин на прием на кандидати за офицери и подофицери, по пат на интерен оглас во Армијата.