Заменикот на командантот на силите на САД за Европа, генерал-мајор Џозеф Џерард, денес престојуваше во работна посета на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.
За време на престојот, генералот Џерард по состанокот со министерката Радмила Шекеринска на која присуствуваше и амбасадорката на САД, Н.Е Кејт Мери Брнс, се сретна со заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин по што оствари средба и со командантот на Командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски, а на издвоени брифинзи се запозна со подготовките за вежбата „Одлучен удар-21“ и со капацитетите на армискиот полигон „Криволак“.
Генералот Џерард на брифингот за вежбата „Одлучен удар-21“ од страна на раководството на вежбата се запозна со актуелната фаза на подготовка за реализација на оваа вежба, додека на издвоен брифинг од страна на командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Методи Хаџи Јанев беа презентирани можностите на армискиот полигон „Криволак“, тековните активности на уредување на полигонот и плановите за развој на овој наш најголем вежбовен капацитет.
Во изјавите за медиумите од страна на министерката за одбрана беше посочено дека во текот на овој месец припадници на 15-тиот инженерски баталјон од американските сили во Европа ќе пристигнат во нашата земја и заедно со инженерците на Армијата ќе работат на подобрување на инфраструктурата на Криволак, што е шанса да имаме нови вежби и нов тип на вежбовни активности на полигонот.
Генералот Џерард посочи дека во моментов американските сили тренираат заедно со Армијата на Северна Македонија во рамките на вежбата „Комбинирано решение XV“ и порача дека со нетрпение ја очекува вежбата „Бранител Европа 21“, што ќе ја зајакне силната врска меѓу двете армии.
На армискиот полигон „Криволак“ се вршат последните подготовки во пресрет на вежбата „Одлучен удар 21“, како дел од серијата вежби „Defender Europe 21“ („Бранител Европа 21“), на која учество ќе земат над 2.000 војници на армиите на Северна Македонија, САД, Бугарија и Грција.