На ден 18.08.2014 година со почеток во 10.00 часот во Здружената Оперативна Команда (ЗОК) и гарнизоните каде што се распоредени првопотчинетите единици: Куманово, Петровец, Скопје, Штип, Тетово, Кичево, Прилеп се одржаа воени свечености по повод 18ти Август-Ден на Армијата на Република Македонија.
По полагањето цвеќе на бистите на народните херои, чии имиња ги носат касарните, следуваше постројување на персоналот, строев чекор на знаменските водови, интонирање на химните на Република Македонија и на АРМ, одавање почит на погинати и починати борци и припадници на АРМ и пригоден говор.
На крај од свеченоста на припадниците на АРМ кои беа унапредени, наградени и пофалени за постигнатите резултати и професионален ангажман во работата, им честитаа командантите на единиците.
На свеченоста во касарните присуствуваа гости од локалната самоуправа, претставници на верските заедници и организации со кои единиците остваруваат соработка, како и семејствата на припадниците на АРМ.
Посебен интерес кај гостите, особено кај најмладите предизвика изложеното вооружување, опрема и борбените возила со кои располагаат единиците.