Припадникот од Командата за обука и доктрини од Центарот за индивидуална обука во касарната во Велес, професионален војник Љубомир Спасиќ овој викенд ја збогати единицата и Армијата со уште еден успех постигнат во водите на спортските натпревари. Тој не само што е посветен професионалец во својата единица и во редовите во Армијата, воедно е и успешен репрезентативен кајакар којшто гордо ја претставува својата држава. Со секој постигнат досегашен успех тој ја покажува својата професионалност и посветеност, а посебен е чинот на освојувањето на првото место и на овој меѓународен натпревар.
Натпреварот се одржа во Република Србија во градот Чачак и истиот е од меѓународен карактер. Традиционално се одржува 16-та година по ред, во чест на основачот на кајакарскиот клуб во Чачак. На натпреварот учество земаа 45 натпреварувачи во машка и женска конкуренција од 3 држави: Република Северна Македонија, Република Србија и Босна и Херцеговина. Професионалниот војник Љубомир Спасиќ го освои првото место на натпреварот во Сениорска категорија, односно натпревар на диви води во дисциплината спуст за 2021 година.
Во наредниот период, професионалниот војник Љубомир Спасиќ, го очекуваат и други натпревари- светски купови кои ќе се одржат во мај и почетокот на јуни во Франција и Босна и Херцеговина на кои се очекува пласман пред се во финале, со што директно би останал во борбата за медал.
Овие натпревари се реализираат за време на пандемија со препораките кои се во согласност со насоките спроведени во протоколите за заштита од ширење на COVID-19.