Денеска во касарната „Чеде Филиповски – Даме“ во Кичево се одржа церемонија за упатување на единица од составот на четвртиот пешадиски баталјон од првата пешадиска бригада за учество на вежбата „КФОР 30“ во Хохенфелс, Германија.
На денешната церемонија присуствуваа заменик министерот за одбрана, Башким Хасани, генерал мајор Зоран Милески, државниот секретар Драган Николиќ, и командантот на 1. бригада, полковник Сашко Лафчиски.
Пред присутните припадници на четвртиот баталјон во своето обраќање заменик министерот Хасани им порача достојно да ја прикажат својата професионалност и овие подготовки за учество во мисијата на НАТО „КФОР“ на Косово се пример за нашата посветеност кон безбедноста и сигурност на регионот.
На оваа меѓународна вежба која ќе трае до крајот на месецот и која е во организација на Американските сили во Европа нашата Армија ќе учествува состав во јачина од една чета која ќе изведува вежбовни активности заедно со припадници од Армиите на САД, Италија, Романија, Албанија, Молдавија Летонија, Косово, Словенија и СР Германија.
Целта на вежбата „КФОР 30“ е подготовка на единиците кои се упатуваат во мисијата КФОР на Косово, во поддршка на мирот, стабилноста и безбедноста и поддршка на цивилните авторитети на Косово.
На оваа вежба нашите припадници кои имаат претходно учествувано, заедно со своите колеги од земјите учеснички ќе работат на стандардизирање на подготовката на персоналот во ротациите во мисијата КФОР, односно ќе работат на подигнување на интероперабилноста со партнерските сили во процедурите и постапките.