Во касарната „Н.Х. Страшо Пинџур“, во Петровец, се одржа свеченост по повод примопредавањето на должноста Командант на хеликоптерски сквадрон (ХС) од воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ). На свеченоста присуствуваа Заменикот началник на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на вВИНГ, полковник Стојко Пејовски, командантите и командирите на потчинетите единици на вВИНГ, началниците на секции во вВИНГ и останати гости.
За време на примопредавањето свое обраќање имаа командантот на вВИНГ, досегашниот командант на ХС и новоназначениот командант.
Командантот на вВИНГ во своето обраќање му се заблагодари на потполковник Кире Богданоски за досегашните постигнати резултати, а од новоназначениот командант, потполковник Феми Љумани, честитајќи му ја должноста, побара максимална посветеност на специфичноста и предизвиците на единицата и постигнување на исто така високи резултати при извршување на поставените задачи.
Потполковник Кире Богданоски во својот говор истакна дека пред него стои обучен и високо мотивиран колектив кој до сега се има справено со секаков вид на задачи и секојпат биле извршени на највисоко ниво, при што им се заблагодари за залагањето и професионалноста.
Новоназначениот командант, потполковник Феми Љумани се заблагодари за укажаната можност да командува и работи со врвни професионалци при што истакна дека и во иднина ќе продолжат со добрата работа и ќе се трудат да постигнат уште позначајни резултати. Исто така истакна дека ќе ги искористи знаењата и искуствата од досегашното работење во овој сквадрон, при што очекува поддршка и ангажирање од сите припадници од составот на единицата, во реализација на мисијата и задачите на единицата.
ГИ/ЧС