По повод дваесет и една година од загинувањето на припадниците на безбедносните сили од гарнизонот Тетово во конфликтот во 2001 година, во касарната „Народен Херој Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово се реализираше одбележување на помен на загинатите и се положи свежо цвеќе пред спомен плочата која е поставена пред командата на гарнизонот Тетово во нивна чест.
Припадниците на Армијата вработени во гарнизонот Тетово, достојно оддадоа почит кон ликот и делото на загинатите, а командантот на гарнизонот Тетово, потполковник Игор Станковски одржа пригоден говор.
„Денес сме собрани на ова место, покрај спомен плочата во нашата касарна, да оддадеме почит на шесте припадници од гарнизонот Тетово кои херојски ги положија животите за одбрана на својата татковина за време на конфликтот во 2001 година. Исак, Николче, Пеце, Влатко, Благоја, Блашко! Стоиме пред споменот за вашата пожртвуваност тажни, но благодарни за покажаната храброст и херојство кои беа пример за сите нас. Вие покажавте што значи да се биде патриот и како треба, со целото свое битие да се сака сопствената татковина. Вашите семејства треба да се гордеат со вас, како што сме горди и ние припадниците на Армијата, што ве имавме за наши соборци. Наша обврска е никогаш да не заборавиме на вашиот херојски подвиг со кој ги задолживте сегашните и сите идни генерации на Армијата на Република Северна Македонија. Нека ви е вечна слава!“, меѓу другото, истакна тој.
Делегација од Командата на гарнизон Тетово предводена од потполковник Игор Станковски и делегации од Одборот на бранители, Сојуз на борци од Гостивар и Тетово и ОРОРСМ Тетово положија свежо цвеќе на спомен обележјето во касарната „Народен Херој Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово.
Со денешното одбележување на поменот во чест на загинатите, припадниците на Армијата и останатите гости оддадоа почит кон нивниот патриотизам, храброст и несебичност во заштитата на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Северна Македонија.