На урнатините од земјотресот во турскиот град Кахраманмараш војници на Армијата со кучиња трагачи учествуваат во спасувачката акција. На видеото снимено таму припадник на АРМ објаснува дека ќе останат таму додека е потребно.
-Даваме максимум на терен со надеж дека ќе успееме да спасиме и да извлечеме живи луѓе. Остануваме тука се додека е потребно и продолжуваме професионално и пожртвувано да работиме со цел да спасиме што повеќе луѓе и да ја покажеме нашата солидарност со Република Туркије, истакна припадник на АРМ кој е на терен во погодениот град Кахраманмараш.
На снимките се гледа и обид на спасувачите да направат тунел кон внатрешноста на урната зграда за да проверат дали има луѓе затрупани од градежните остатоци. Додека спасувачите отстрануваат по малку од градежниот шут, од повисоко се спушта друг градежен материјал.
Снимката покажува и дека спасувачите се под ризик, но мисијата за спасување не ја прекинуваат во ниту еден момент користејќи ги последните часови од предвиденото време за преживување на луѓето кои се под урнатините.
-На испраќањето на дополнителниот тим од Армијата, од страна на началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски им беше порачано најпрофесионално да го вложат севкупниот свој потенцијал и обученост и да помогнат на граѓаните на сојузничка Туркије, соопшти АРМ.
Армискиот тим се упатува по донесената одлука на Владата за испраќање дополнителна помош, а на предлог на Министерството за одбрана.
Извор: Телма