Со воена свеченост во касарната „Илинден“ и церемонијално предавање на военото знаме на единицата, се изврши примопредавање на должноста командант на Баталјонот за почести (бП), помеѓу потполковник Дарко Стојкоски и потполковник, Дејан Величковски.
Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, во своето обраќање, истакна дека ангажманот на единицата која е најпрепознатлива со своето учествово на најважните воени и државни почесни активности, треба да го задржи континуитетот во претставувањето на Армијата и државата со што ќе го исполни својот долг кон вложувањата на сите досегашни генерации.
Притоа тој истакна дека единицата под раководство на досегашниот командант професионално ги исполни своите должности и мисија и дека е сигурен дека ќе продолжи по зацртаниот пат под раководство на новопоставениот командант кој и досега беше дел од оваа единица.
Досегашниот командант на бП, потполковникот Дарко Стојкоски во својот говор истакна дека му е чест што досега беше дел од семејството на секогаш исполнителните припадници од штабното одделение, извонредните музичари од воениот оркестар, одличните старешини во штабот и на исклучителните гардисти. На ново поставениот командант кој досега во единицата континуирано и активно придонесуваше кон сите области од функционирање на единицата да продолжи да го применува стекнатото знаење и искуство, грижата за персоналот и посветеноста кон задачите се неговите сојузници во остварување на планираната визијата. Заблагодарувајќи се за поддршката од генералштабот кој оваа единица секогаш го имаше им порача на припадниците од баталјонот да продолжат со почитување на кодексот на вредности на оваа единица: чест, храброст и посветеност.
Новопоставениот командант, потполковникот Дејан Величковски се заблагодари на укажаната доверба, за поставување на оваа должност, ветувајќи дека својата посветеност, и ентузијазам ќе ги вложи во продолжување на позитивните остварувања на бП.
Промената на функцијата командант на Баталјонот за почести е само промена на еден, лојален и дисциплиниран старешина со друг, кој посветено, одговорно и навреме ги извршува сите доверени и доделени задачи. Баталјонот за почести и понатаму свесно и совесно ќе работи кон апсолутно и непогрешно извршување на одредбите и постапките дизајнирани за регулација на Протоколарните активности на Генералштабот на Армијата при организација и реализација на сите воени прослави како и здруженото спроведување на официјалните државни церемонии со воени почести. Истакна Величковски.
По соопштување на наредбите за поставување и нивно потпишување се изврши и официјалното примопредавање на должноста командант на бП.