Командантот на силите на САД за Европа, генерал Кристофер Каволи, кој се наоѓа во Република Северна Македонија, по повод одржување на конференцијата на началниците на генералштабови на армиите на земјите членки на иницијативата А5, денес оствари официјална посета на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за одбрана.
По пречекот во министерството и генералштабот, генералот Каволи оствари издвоена средба со началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски по што следуваше заеднички состанок со министерката за одбрана Славјанка Петровска .
На состанокот помеѓу генералите Ѓурчиновски и Каволи е разговарано за соработката со Командата на силите на САД во Европа, при што е истакнато дека со континуираната соработка ја подобруваме нашата интероперабилност, ги развиваме нашите способности и дејствуваме ефективно и со полн капацитет во заеднички операции.
Притоа е разговарано и за значењето на меѓусебната и соработката во рамки на сите НАТО активности со цел справување со безбедносните предизвици и сите облици и форми на агресивни делувања особено во актуелните турбулентни случувања предизвикани од агресијата над суверена Украина.
Генералот Каволи беше информиран од страна на генералот Ѓурчиновски за активностите кои се однесуваат на актуелните процеси и активности во Армијата, стекнатите искуства од досегашните заеднички обуки, вежби како и за претстојната конференција на началниците на генералштабови на Армиите на земјите членки на иницијативата А5 која започнува денес.
На заедничкиот состанок со министерката Петровска се разговараше за безбедносната состојба во Европа, за придонесот на САД и Северна Македонија во зацврстувањето на колективната безбедност на Алијансата, како и за развојот на соработката помеѓу Армијата на Република Северна Македонија и Армијата на САД за Европа. Притоа од страна на генералот Каволи беше истакнато дека соработката помеѓу Армијата на САД за Европа и Армијата на Република Северна Македонија е на највисоко ниво и дека истата ќе продолжи да се развива и во иднина.