Во период од 2 до 6 октомври во Центарот за обука „Др. Џозеф Крузел“, во касарната „Гоце Делчев“ – Скопје, успешно беше реализиран првиот пилот-национален курс за НАТО стандардизација за потребите на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија.
На обуката за практична работа со НАТО стандардизациски документи и извршување на стандардизациски активности во доменот на својата специјалност земаа учество 17 лица од Армијата.
Обуката беше организирана и реализирана од страна на персонал од Ј-5 во Генералштабот на Армијата, а во обуката беа вклучени и претставници од Одделението за стандардизација при Секторот за логистика од Министерството за одбрана.
Во рамките на исполнувањето на обврските на Република Северна Македонија кон НАТО стандардизацискиот систем, Армијата континуирано го надградува и одржува на потребно ниво капацитетот за успешна обработка, имплементација и администрација на НАТО стандардите, со конечна цел постигнување на потребното ниво на интероперабилност со останатите земји членки на Алијансата.
На врачувањето на сертификатите на учесниците на курсот, Директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски и го изрази своето задоволство од напредокот во областа на НАТО стандардизацијата, порачувајќи им на учесниците активно да се вклучат во стандардизациските активности при извршувањето на своите должности во Армијата.