Денес 16 октомври во касарната „Боро Менков“ во Куманово Здружената Оперативна Команда (ЗОК) со воена свеченост го одбележа по втор пат денот на единицата.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорѓе Иванов, 17.октомври е определен за ден на Здружената Оперативна Команда како спомен на одбележување согласно традициите на значајните историски настани врз кои се темелат традициите на Армијата на Република Македонија (АРМ).
На 17 октомври 1878 година во селото Кресна е формиран штабот на македонското (во македонската историографија познато и како кресненско) востание, ден кога воедно е кренато востанието.
На свеченоста во командата на ЗОК присуствуваа Министерот за одбрана на Република Македонија господин Зоран Јолевски, Началникот на генералштабот (НГШ) на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, заменик на НГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, директорот на ГШ на АРМ генерал мајор Димче Петровски, командантите на командите и единиците на АРМ, пензионирани генерали, поранешни команданти на ЗОК и останати гости.
На свеченоста по повод денот на единицата пред присутните се обрати командантот на ЗОК бригаден генерал Васко Ѓурчиновски кој го истакна задоволство од се она што досега оваа команда го има постигнато, кое за припадниците на ЗОК претставува обврска во исполнувањето на зацртаните цели.
Претходно пред присутните се прочита краток историски осврт за значењето на овој историски настан за македонската историја и за АРМ.
По повод денот на единицата на припадници од ЗОК се доделија пофалници и други стимулативни мерки.
Здружената оперативна команда како Команда од оперативно рамниште егзистира од почетокот на формирањето на АРМ како Армиски Корпус. Во 2000 година се трансформира во 1.Армиски Корпус, во 2002 година се преименува во команда на копнена војска, а од 2005 година се преструктуира според стандардите на НАТО во сегашниот назив.