Баталјонот за почести, која е најпрепознатлива и една од најрепрезентативните единици на армијата, со воена церемонија во касарната „Илинден“ во Скопје, го одбележа Денот на единицата.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, честитајќи го денот на единицата пред припадниците на баталјонот, го истакна значењето на оваа единица која ја има улогата на достоинствено претставување на Армијата на сите најголеми активности во државата.
Притоа тој се осврна на големиот број на задачи кои ги извршува оваа единица, со уверување дека како и досега единицата со целосна поддршка на Генералштабот достојно ќе одговори на сите поставени задачи.
Командантот на единицата, потполковник Дејан Величкоски, истакна дека штабот, гардистите и воениот оркестар дејствуваат обединети во промовирање на вредностите на единицата: „чест, храброст и посветеност“. Притоа тој посочи дека оваа единица која претставува поим на репрезентативност, достоинственост при извршување на задачите при највисоките воени и државни почести ќе продолжи да работи совесно и одговорно при реализација на сите протоколарни активности.
По повод денот на единицата беа доделени и стимулативни мерки на дел од припадниците за постигнати резултати во работењето и подигање на борбената готовност на единицата.
На одбележување на денот на единицата присуствуваа и командантите на единиците од касарната „Илинден“ како и на останати команди и единици на Армијата.
Претходно во склоп на активностите за одбележување на Денот, припадниците на единицата традиционално спроведоа донирачка активност. Овојпат во соработка со ООУ “Живко Брајковски”, во општина Бутел, на 2 паралелки од 2ро одделение кои изведуваат настава на македонски и на албански донираа прибори за боење и друг училиштен прибор, но и кондиторски производи.
Баталјонот за почести го прославува Денот на единицата како носител на традициите на првата македонско косовска ударна бригада која е формирана на 11 ноември во 1943 година, во селото Сливово.