Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска реализираше работна посета на Артилерискиот баталјон, стациониран во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, во придружба на командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски.
Во текот на обиколката, генералот Лафчиски изврши непосреден увид во борбената готовност и артилериските способности на единицата, со посебен акцент на обученоста на припадниците, функционалноста и одржувањето на артилериските орудија и системи, како и подготвеноста за реализација на задачи за огнена поддршка.
Притоа, беа презентирани расположливите артилериски средства, активностите за нивно одржување, како и реализацијата на планираните обуки и степенот на подготвеност на припадниците на баталјонот.
За време на брифингот, Началникот на Генералштабот беше информиран за состојбата, степенот на подготвеност, реализацијата на тековните активности и приоритетите за натамошен развој на артилериските способности на единицата.
Во обраќањето пред припадниците, генералот Лафчиски ја истакна важноста на артилеријата како носител на огнената поддршка и нагласи дека континуираната обука, стручноста, одржувањето на средствата и високото ниво на борбена готовност се од суштинско значење за успешно извршување на доделените мисии и задачи.
Посетите на командите и единиците од страна на Началникот на Генералштабот продолжуваат и во наредниот период, со цел непосредно следење на состојбата и подготвеноста и натамошно унапредување на способностите на Армијата.








