Во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово со воена свеченост припадниците на 3. пешадиски баталјон (3.пб) од составот на 1. пешадиска бригада (1.пбр) и останатите единици сместени во касарната, го одбележаа 25 февруари- патронатот на касарната и осумдесет години од загинувањето на народниот херој Кузман Јосифоски – Питу.
На одбележувањето присуствуваа министерката за одбрана, госпоѓа Славјанка Петровска, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, делегација од 3.пб, Сојуз на борци од Тетово, Сојуз на борци од Гостивар, ОРОМ од Тетово, Сојуз на воени инвалиди, Одбор на бранители Тетово и претставници на локалната самоуправа, владини и невладини организации, претставници од државниот и приватниот сектор со кои командата на гарнизонот Тетово остварува одлична соработка, кои со полагање на свежо цвеќе му оддадоа почит на народниот херој Кузман Јосифовски-Питу.
Пригоден говор по повод патрониот празник на касарната во Тетово одржа командантот на 3.пб, потполковник Томица Ристоски, кој се осврна на животот и делото на Кузман Јосифовски-Питу, истакнувајќи дека со одбележувањето на патронатот секоја година придонесуваме неговото име и дело да останат во сеќавањата на идните генерации и поколенија.
Министерката за одбрана, госпоѓа Славјанка Петровска и останатите присутни гости се запишаа во книгата на впечатоци во спомен-собата на гарнизонот Тетово.
Претходно, по повод овој ден, во касарната беше спроведена крводарителска акција од страна на вработените во гарнизонот Тетово, при што беа дарувани 30 единици крв.
ТР/ГЃ/СЛ