Обуката која ја изведуваат припадниците на баталјонот на специјални сили – „Волци“ не само што е една од најтешките во Армијата, туку за истата се потребни квалификации кои макотрпно се стекнуваат во долг временски период.
Обуката за борбено нуркање на специјалните сили е особено тежок тренинг кој бара силен ментален став, добра пливачка способност, одлична физичка кондиција, како и способност да се чувствувате удобно во вода.
Кристално чистите води на најдлабокото и едно од најстарите езера во Европа – Охридското езеро покрај своите природни убавини нуди и средина за обука на вода како никаде на друго место. Тука борбените нуркачи од Баталјонот на специјални сили врши редовна обука во изведување на операции на водени површини и под вода. За разлика од рекреативното нуркање, борбеното нуркање приоритет дава на прикриеноста, ефикасноста, елементот на изненадување на секој потенцијален непријател и способност за неутрализирање.
Затворениот систем за нуркање кој го користат борбените нуркачи од оваа елитна единица овозможува елиминација на меурчиња кои вообичаено ги имаат рекреативните системи за нуркање. Ова овозможува специјалистите неприметно да се инфилтрираат или ексфилтрираат на пловен објект или на копно.
Ладните води на езерото, температурните флуктуации, ефикасното менаџирање со гасовите кои ги користи затворениот систем за нуркање, длабинскиот притисок и ограничената видливост се само еден дел од елементите при извршување на борбената мисија а кои нашите „Волци“ ги имаат усовршено до перфекционизам. Задачата на борбените нуркачи не завршува со самото нуркање туку продолжува на пловило, да вршат задачи од вода на копно и обратно како и да извршуваат спасувачки мисии или помош на останатите државни институции при пронаоѓање на давеници.