Со воена свеченост, која денес се одржа во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, припадниците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) од составот на Командата за операции (КО) го одбележаа 10 јуни – Денот на единицата.
На воената свеченост во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, пред началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и присутните се обратија началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на вВИНГ, полковник Игорчо Стоименовски.
Началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски истакна дека одбраната на воздушниот простор претставува врвен приоритет и додаде дека во изминативе 32 години, конкретно се придонесува во изградбата на капацитетите и способностите на единицата. Генералот нагласи дека со предвидената модернизација ќе се овозможи поголема оперативна способност и подобро извршување на мисијата и задачите на единицата. Во својот говор генералот Ѓоргоски со особен пиетет потсети на загинатите 11 припадници во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце, порачувајќи им на припадниците на вВИНГ сеќавањето на нивните жртви да им биде мотив за постигнување на уште поголеми успеси и професионалност.
Командантот на единицата, полковник Игорчо Стоименовски пред присутните го даде историскиот осврт на единицата, при што истакна дека благодарејќи на заложбите на стручниот и високо мотивиран персонал беа поставени темелите на военото воздухопловство и противвоздушната одбрана. Воедно се осврна на тридеценискиот процес на континуирано опремување кое започна со транспортни хеликоптери, радар за набљудување на воздушниот простор и лесни школски авиони, а во понатамошниот период со предвидените набавки на повеќенаменски хеликоптери и ПВО системи ќе се подобрат способностите за извршување на мисијата на единицата.
Пред стројот се прочитаа честитки и доделија стимулативни мерки на припадници од единицата кои се истакнале во работата, по што присутните имаа можност да проследат прелет на два воздухоплова Ф-16 од грчкото воено воздухопловство, кои се дел од воздухопловното патролирање на НАТО, а се реализираше и прелет на дел од воздухопловите со кои располага воздухопловниот ВИНГ.
На свеченоста покрај началникот на Генералштабот, генералот Ѓурчиновски, присуствуваа и заменикот на началникот на ГШ, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на ГШ, бригаден генерал Симеон Трајковски, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на команди и единици на Армијата, поранешни команданти и други.
Во пресрет на одбележувањето на денот на единицата, припадниците на вВИНГ реализираа крводарителска и хуманитарна акција во општините Петровец и Илинден.
Денешниот датум е одреден за ден на вВИНГ, во сеќавање на првиот лет со воен воздухоплов во Армијата во 1992 година. Од почетокот оваа единица беше составена од авијациска бригада со авијациски, транспортен и борбен хеликоптерски сквадрон по што во 2005 година беше трансформирана во помала, покомпактна единица наречена воздухопловен ВИНГ (воздухопловна извидувачка напаѓачка група) која фигурира до 2012 година, кога се формира Воздухопловна бригада, а по последната трансформација се оформува денешниот воздухопловниот ВИНГ.