Денес во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа свеченост по повод одбележувањето 5 jули – Ден на Хеликоптерскиот сквадрон (Хс).
На воената свеченост во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец пред присутните се обратија командантот на вВИНГ, полковник Игорчо Стоименовски и командантот на Хс, потполковник Феми Лумани.
Полковникот Стоименовски и потполковникот Феми Лумани во своите обраќања се осврнаа на процесите на интеграција и модернизација на Хс, согласно полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО. Во тој контекст во наредниот период се очекува Хеликоптерскиот сквадрон да се опреми со повеќенаменски хеликоптери од типот AW149 и AW169M од италијанско производство, кои ќе имаат широк спектар на способности за воздухопловна поддршка на единиците на Армијата, како и за поддршка на цивилни институции при природни катастрофи и вонредни состојби.
Во рамки на свеченоста на припадници од единицата им се доделија стимулативни мерки, додека на поранешните команданти им се доделија признаниja за вложеното за развојот на единицата.