Во организација на Советот на воени спортови под мотото „Пријателство преку спорт“, денес во Домот на Армијата беше свечено отворен „Регионалниот натпревар во маратон и полумаратон Скопје-2024 година“. На отварањето на меѓународниот спортски натпревар присуствуваа министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Натпреварите во маратон и полумаратон ќе се одржат во склоп на Виз Ер Скопски маратон согласно потпишаниот Меморандум за соработка со Сојузот на спортови Скопје и Виз ЕР- скопски маратон.
На Регионалниот CISM маратон и полумаратон Скопје-2024, покрај припадниците од Армијата, учествуваат и натпреварувачи од ВС и МО на Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Турција и Холандија.
Меѓународниот совет за воени спортови е организација формирана на 18 февруари 1948 година, а Армијата e полноправна членка од 2005 година, која преку програмите на Меѓународниот совет за воени спортови, покрај забележителните резултати кои ги постигнува, дополнително придонесува за развој на меѓуармиската соработка, пријателството и мирот во регионот и во светот.