Со воена свеченост и предавање на военото знаме, во присуство на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска во касарната „Илинден“ се изврши примопредавање на должноста командант на Баталјонот на специјални сили (бСС).
Должноста командант на бСС, од потполковник Стефан Ивановски ја прими потполковник Благој Наумов, кој досега ја извршуваше должноста заменик-командант во оваа единица.
На свеченоста, генералот Лафчиски пред присутните истакна дека со чинот на предавање на военото знаме на новиот командант му ја доверува привилегијата, но во исто време и одговорноста во раководењето и командувањето со единицата. Единица којашто повеќе од 30 години го зазема едно од најважните места во одбраната на интегритетот и суверенитетот на Татковината.
„Потполковник Наумов го презема баталјонот во исклучително важен период, во којшто треба со успех да ја заокружи трансформацијата и модернизацијата на единицата. Период кој подразбира максимално посветување кон зајакнување на капацитетите и способностите на единицата, во којшто борбената готовност ќе се подигне на рамниште потребно да одговори на предизвиците со кои се соочуваме, а се резултат на бруталната руска агресија врз Украина“, рече генералот Лафчиски.
На досегашниот командант му оддаде признание и благодарност за успешното раководење и командување со единицата, порачувајќи му да продолжи со поддршката на единицата од новото работно место.
Досегашниот командант, потполковник Стефан Наумовски, рече дека не секој офицер добива можност и доверба да биде лидер на оваа единица, за која е потребно исклучителна мудрост, знаење и пред сѐ интегритет. Притоа тој искажа благодарност до сите припадници за досегашната поддршка и посветеност, а на новопоставениот командант му ја честиташе новата должност посакувајќи му успешно раководење со најелитната единица во Армијата.
Новопоставениот командант, потполковник Наумов, изрази благодарност за дадената доверба да раководи со баталјонот и уверување дека под мотото „Секогаш и секаде први“, продолжуваат да работат посветено и пожртвувано оправдувајќи ја стекнатата доверба од граѓаните и институциите на системот. Потполковникот Наумов во ова прилика им се заблагодари на сите претходни команданти за својот придонес во градењето на единицата.
На денешната свеченост, покрај началникот на Генералштабот на Армијата, присуствуваа: заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, началникот на штаб на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, генерали во Армијата, команданти на единиците, поранешни команданти на единицата, претставници на Министерството за внатрешни работи и други гости.