Со воена свеченост во касарната „Илинден“ денеска официјално се изврши прием на должноста командант на Баталјонот за врски. Должноста командант на Баталјонот за врски (бв) ја прими потполковник Драган Сарафилоски. Пред стројот на единицата и присутните гости со свои говори се обратија, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини и новопоставениот командант на Баталјонот за врски, потполковник Драган Сарафилоски.
На свеченоста, бригадниот генерал Емини од сите припадници на баталјонот побара силна поддршка и посветеност, бидејќи само со заеднички напори можат да се постигнат значајни резултати. На новопоставениот командант, потполковникот Драган Сарафилоски, му упати искрени честитки за новата должност и му посака успешно раководење и надоградување на досегашните капацитети и способности на бв, а на досегашниот застапник командант, потполковникот Венцо Јованов, му се заблагодари за досегашниот придонес.
Новопоставениот командант, потполковник Сарафилоски изрази благодарност за дадената доверба да раководи со Баталјонот за врски и истакна дека ќе продолжи да работи посветено и да ја оправда укажаната доверба и дека ќе продолжи да функционира под мотото на баталјонот, „ИНФОРМАЦИЈАТА Е МОЌ“.
На денешната свеченост покрај командантот на Команда за операции, присуствуваа и командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, началниците на Ј-6/ГШ и КО, поранешни команданти од полкот за врски и баталјонот за врски, команданти од останатите единици во КО и други гости.