Началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска (21 февруари), го посетија Центарот за одгледување и дресура на службени кучиња, лоциран во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје.
За време на посетата началникот и министерот беа брифирани за задачите и предизвиците со кои се соочува Центарот, а присуствуваа и на презентација на дел од обуката со службените кучиња.
Началникот на Генералштабот генерал-мајор Лафчиски и министерот Мисајловски, во разговор со припадниците на единицата, упатија пофални зборови за нивната служба и посветеност во одгледувањето и дресурата на кучињата, како и за обучувањето на инструктори и војници за водачи на службени кучиња за потребите на Армијата и други институции.
Центарот за одгледување и дресура на службени кучиња, чија мисија е одгледување и дресура на кучиња за различни намени, како и оспособување на инструктори и војници за водачи на службени кучиња за потребите на Армијата е формиран во 1993 година, а со работа во касарната „Ѓорче Петров“ во Скопје започнува во 1994 година.