Во Одделот за медицинска обука при Военомедицинскиот центар (ВМЦ), во соработка со инструктори од Вооружените сили на Швајцарската конфедерација, во период од 5 до 8 мај, се реализираше „Курс за предболничко згрижување на повредени“ (Prehospital Trauma Life Support-PHTLS).
Учество на курсот зедоа припадници на повеќе единици од Армијата на Република Северна Македонија. Учесниците на курсот, со теоретски предавања и низ практична работа, се обучуваа за примена на најновите стандардизирани медицински постапки при предболничко згрижување на повредени.
Слушателите успешно го завршија курсот и се здобија со интернационално признаен сертификат. Стекнатите знаења, вештини и техники во иднина ќе ги применуваат за потребите на своите единици, како и при учество во меѓународни вежби и мировни мисии.