Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска 03.07.2025 година, оствари средба со претставници од компанијата General Dynamic Land Systems – Канада (GDLS-C) и Секторот за одбрана од Канадската комерцијална корпорација (CCC).
На средбата, на која присуствуваа и директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев и одбранбеното аташе на Канада, полковник Доналд Хилтон се презентираше портфолиото на компанијата за воена индустрија GDLS-C и CCC, развојот на тековната програма „Страјкер“ за потребите поврзани со процесот на модернизација и опремување на Армијата и се разговараше за можностите за идна соработка меѓу Канада и Република Северна Македонија во одбранбениот сектор.
GDLS-C е во процес на завршување на производството на лесните оклопни возила за Армијата на Северна Македонија, во своите капацитети во Канада, а испораката на возилата е планирана е да се изврши до крајот на 2025 година.
Канадската агенција CCC ги поврзува странските владини купувачи со доверливи канадски добавувачи за критични и сложени набавки. Преку својата услуга за меѓународен главен изведувач, оваа компанија обезбедува успешна испорака на проектот нудејќи гаранции за извршување на договорот, длабинска анализа на добавувачот и експертиза во канадските капацитети.