На ден 10.09.2025 година во Стационарниот јазол за врски (СЈВ) „Плачковица“ се реализираше месечно реферирање на командантите на првопотчинетите единици на Командата за операции (КО) за статусот на борбената готовност, заклучно со месец август 2025 година.
Командантите на првопотчинетите единици му реферираа на командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, за достигнувањата, реализацијата на плановите, задачите и активностите, обуката и останатите сегменти од работата на единиците, а кои имаат влијание врз борбената готовност на единиците.
На реферирањето беа изнесени согледувањата и анализите на командантите на потчинетите единици за: персоналниот менаџмент, заштитата на силите, операциите, обуката и вежбите, логистичкото обезбедување, врските и комуникациите, буџетирањето и цивилно – воената соработка. Од страна на командантите на првопотчинетите единици беа истакнати: степенот на исполнување на планираните задачи, постигнатите резултати во обуката, како и условите за живот и работа.
Во рамките на месечното реферирање беше реализирана презентација, запознавање со задачите, организацијата и работата на СЈВ „Плачковица“, како и обиколка на истиот.
На крајот од реферирањето генералот Ѓоргоски заклучи дека со максималното ангажирање на персоналот од КО и потчинетите единици, степенот на извршувањето на главните задачи и активности кои го одбележаа изминатиот месец е на потребното рамниште и издаде задачи и насоки за реализација на планираните задачи за наредниот месец.