Припадниците од Извидувачко разузнавачкиот баталјон (ИРб) од составот на Командата за операции, во период од 05 до 07.10.2025 година учествуваа на еден од најпрестижните воени натпревари „Cambrian Patrol 25“ во Велика Британија и го освоија третото место и бронзен медал.
На армискиот натпревар, кој се смета меѓу најтешките во светски рамки и на кој се тестираат најдобрите и најиздржливите, тимот од ИРб учествуваше заедно со уште 43 земји. На натпреварот во неколку етапи кои се состојат од неколку фази, ренџерскиот тим долж теренот на Црните планини на масивот Камбриан, помина повеќе од 70 км со целокупната опрема, индивидуална и колективна и со ранец тежок околу 35 кг. На тешко прооден терен, под лоши временски услови, успешно извршија околу 10 инциденти (планирање, поминување преку контаминирано земјиште, поминување преку водена површина, извидување на цел, премин преку минско поле, медицинска евакуација, повик за оган, препад и дебрифинг). За секоја од овие постапки се добиваа поени.
Низ суровиот и тежок терен на Велс со чест, дисциплина и непоколеблива волја припадниците на ИРб уште еднаш ја докажаа нивната ефикасност во извршување на дадените задачи.