Денес, 06.11.2015 година во касарната „Алексо Демниевски-Бауман”, Велес се реализира воена свеченост на која дваесет и седмата генерација војници кои доброволно го отслужуваат воениот рок дадоа свечена заклетва.
Оваа генерација брои 139 војници, од кои 14 се припаднички од понежниот пол.
По повод свеченоста, на заклетвата присуствуваа: Државниот секретар на МО, г-ѓа Елизабета Чуповска Ристова; Директорот на ГШ на АРМ, генерал – мајор Димче Петровски, претставници од командите и единиците на АРМ, претставници од локалната самоуправа, претставници од верските заедници, роднини на војниците како и други гости.
Во своите обраќања Државниот секретар на МО, г-ѓа Елизабета Чуповска Ристова и Директорот на ГШ на АРМ, генерал – мајор Димче Петровски им ја честитаа дадената заклетва на војниците, посакувајќи им успех во обуката во редовите на АРМ.
Воедно им порачаа дека воената професија е предизвик, чест и гордост за младиот човек и дека нивната задача е да научат што е можно повеќе од тајните на воената вештина. Меѓу другото, беше истакнато дека досега голем број војници кои ја поминале обуката во Центарот за индивидуална обука ја имаат одбрано оваа професија и веќе се на служба во Армијата на Република Македонија.
Заменик на командантот на Командата за обука и доктрини, полковник Љубенчо Петровски во своето обраќање кон војниците порача дека во наредниот период им претстои напорна работа во совладувањето на планираните содржини од обуката.
Војниците во наредните три месеци ќе имаат можност да стекнат знаења и вештини кои ќе бидат еден од клучните елементи за сите оние кои ќе ја изберат војничката професија како решение за својата иднина.