На ден 29.10.2025 година во касарната „Илинден“ Скопје, припадниците на баталјонот на Воена полиција (бВП) со воена свеченост го одбележаа „29ти октомври – Ден на баталјонот на Воена Полиција“.
Во своето обраќање командантот на бВП, потполковник Тони Павлоски истакна дека историјата на баталјонот е испишана со труд, пожртвуваност и несебична служба кон татковината од првите денови на неговото формирање па се до денес. „Припадниците на баталјонот ја покажуваат својата професионалност, лојалност и подготвеност да одговорат на секоја задача – без разлика дали станува збор за обезбедување на објекти од витално значење за Армијата и државата, обезбедување и заштита на високи воени раководители, откривање и спречување на кривични дела во одбраната, одржување на ред и дисциплина во Армијата, контрола и регулирање на воениот сообраќај, учество во мировни мисии, или поддршка на цивилните институции во моменти на кризи и природни непогоди“ – рече потполковник Павлоски, порачувајќи им на припадниците на баталјонот да ги негуваат сплотеноста, професионализмот и колегијалноста кои го прават овој колектив посебен.
Командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски во својот говор им оддаде признание на припадниците на баталјонот на Воена полиција за успешно реализираните голем број на задачи, со што повеќе од 30 години го потврдуваат нивниот висок степен на професионализам, како во државата така и на меѓународно ниво каде единицата ја има потврдено својата интероперабилност и високиот степен на обученост. Воедно им порача во иднина како и досега со максимална ангажираност, стручно усовршување и примена на модерна воено-полициска обука успешно да ги извршуваат работните задачи од доменот на одбраната и да постигнуваат врвни резултати во изградба во борбената готовност и севкупната оспособеност за одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на државата.
На свеченоста присуствуваа, Заменик началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за Операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Командата за Обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, Директорот на ДБРО, полковник Игор Јанкуловски, командантот на Логистичка База, полковник Мухарем Мухареми, деканот на Воена академија, полковник проф. д-р. Ненад Танески, команданти на единици во Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата, претставници од МВР и други гости.
Во рамките на свеченоста на припадниците на бВП кои покажале особени резултати во работата им беа доделени стимулативни мерки, беа прогласени најдобрите поединци и најдобрата единица од составот на бВП за 2025 година, а на оние кои ги исполнија законските услови за пензионирање им беа доделени соодветни признанија.
Во рамки на одбележувањето на денот на единицата беше реализирана акција за доброволно дарување на крв во соработка со ГОБ „8-ми Септември“ Скопје. Во акцијата припадниците на баталјонот на воена полиција ја покажаа и потврдија својата хуманост доброволно дарувајќи 20 крвни единици.










