Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на ден 04.11.2025 година оствари средба со началникот на штаб на НАТО мисијата „КФОР“ во Косово, контраадмирал Максимилијан Кларк, кој престојуваше во прва работна посета на Генералштабот.
На средбата се опфатија теми кои произлегуваат од меѓусебната соработка и се од заеднички интерес, како што се безбедносните предизвици во регионот и зоната на одговорност на мисијата, како и заедничките планирани активности со силите на КФОР.
Адмирал Кларк изрази благодарност за придонесот на македонските војници во мисијата КФОР и ја нагласи посветеноста на нашите припадници во зачувувањето на стабилноста и безбедноста во регионот и зоната на одговорност.
Армијата на Република Северна Македонија повеќе од четири години директно учествува во мисијата КФОР, преку штабни офицери во главната команда и два вода за обезбедување во регионалната команда „Запад“, а дополнително, преку Координативниот центар за поддршка на земјата домаќин, обезбедува логистичка поддршка на силите на КФОР при спроведување на царински и гранични процедури за транспортите на НАТО.








