Денес, во касарната „Илинден“ во Скопје, припадниците на Баталјонот за почести (бП) со воена свеченост го одбележаа „11ти Ноември“ – Денот на единицата.
По тој повод, пред присутните се обратија началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и заменик-командантот на бП, потполковник Игор Милчов.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Лафчиски, истакнувајќи ја улогата на баталјонот за почести, наведе „Вашата мисија не е само да реализирате протоколарни активности. Таа е многу повеќе од форма, тоа е чувство на чест, дисциплина и лојалност кон државата, тоа е чувство на извонредност и посветеност при секое извршување на вашите задачи, во секој ваш строј, со секој ваш чекор, во секој звук на тишината додека оддавате почит. Вие сте првата и последната импресија која ја добиваат, и ја носат со себе највисоките претставници на државите и меѓународните организации кои ја посетуваат нашата татковина.“
Генерал-мајор Лафчиски им порача на припадниците да продолжат да бидат „чувари на традицијата, симбол на достоинството и гордост на Армијата и државата“, потсетувајќи ги на симболот Lux Aeterna и гардиските вредности: чест, храброст и посветеност.
Обраќајќи се пред припадниците на баталјонот, заменик-командантот на единицата, потполковник Игор Милчов, истакна дека во изминатиот период се реализираа бројни задачи. „Го почитувавме и правилно вреднувавме придонесот на сите во единицата и вложивме во изградба на морално цврст колектив“ истакна потполковникот Милчов.
На крајот, потполковникот Милчов наведе дека периодот кој следи покрај редовните задачи и протоколарни активности ги очекува подготовка и организација на пред новогодишниот концерт и учество на меѓународни активности.
По повод Денот на единицата се одржаа гардиски игри и спортски натпревари, на кои им беа врачени дипломи и пехари на најдобрите екипи, а беше прогласен и најдобар вод. Беа доделени и стимулативни мерки на поединци кои во изминатиот период особено се истакнале во извршувањето на задачите.
На свеченоста, покрај началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа и деканот на Воената академија, полковник Ненад Танески, аѓутантката на претседателката, претставници од командите и единиците од составот на Армијата, претставници од Сојузот на борци, како и голем број поранешни припадници на бП.
Баталјонот за почести го прославува Денот на единицата како носител на традициите на Првата македонско-косовска ударна бригада, формирана на 11 ноември 1943 година, во селото Сливово.








