Како дел од планираните активности за обиколка на гарнизоните и информирање на припадниците на Армијата, денеска началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, реализираше работна посета во касарната „Илинден“. Во рамки на посетата, началникот оствари средби со припадниците на Логистичката база и Баталјонот за врски, при што беше извршено информирање за тековните состојби, предизвиците и приоритетите во функционирањето на овие единици. Во своето обраќање до персоналот, генерал-мајор Лафчиски нагласи дека припадноста, ефективноста и континуираниот раст на менталната и физичката подготвеност се темелот врз кој се гради силата и иднината на Армијата. Тој истакна дека токму овие вредности создаваат сигурност, самодоверба и сплотеност и секојдневно ја потврдуваат посветеноста на припадниците на Армијата, каде што секој труд е препознаен, а секој чекор напред претставува заеднички успех. Посебен акцент беше ставен на клучната улога на овие единици во поддршката на Армијата, како и на обученоста/подготвеноста на персоналот, модернизацијата на капацитетите и унапредувањето на логистичките и информатичките процеси. Обиколките на командите и единиците од страна на началникот на Генералштабот, ќе продолжат и во наредниот период со посета на останатите команди и единици.








