Во периодот од 16 до 19 декември во касарната „Јане Сандански“ во Штип, медицинскиот вод од 2. пешадиски баталјон од составот на 1. пешадиска бригада, заедно со обучувачи од Вооружените сили на САД (HQ USAFE) реализираа работилница на тема: „Медицинска логистика и Стандардни оперативни процедури во медицински водови – ТТХ“.
Со претставниците на Вооружените сили на САД се работеше на имплементирање на нови стандарди во опремување и измени, кои се неопходни да се направат во стандардно-оперативните процедури за нивно имплементирање во Лесната пешадиска баталјонска група.
Во делот на обуката беше развиена лесна болница ниво 1 (РОЛЕ 1), со медицинска станица на географски безбедносна локација со цел практично извежбување на терен, третирање на повредените и нивно понатамошно транспортирање до повисоко медицинско ниво.
За време на обуката беа присутни претставници на Балканските наменски медицински сили, Амбасадата на САД и претставници од воздухопловниот ВИНГ, Извидувачко-разузнавачкиот баталјон и Баталјонот на Воена полиција.
На крај се одржа и работен состанок на кој се дискутираше за подобрување на состојбата во поглед на обука, снабдување, идни активности и оценување на медицинскиот вод.









