Денес 28-ми април 2014 година во касарната „Илинден“ во Скопје се одржа пригодна церемонија по повод одбележувањето на тринаесетгодишнината од трагичното загинување на припадниците на баталјонот за специјални намени во реонот на село Вејце.
Во чест на загинатите Роберт Петковски, Бобан Трајковски, Миле Јаневски и Игор Костевски, на спомен обележјето пред баталјонот за специјални намени покрај семејствата на загинатите, свежо цвеќе положија и делегации од ГШ на АРМ, полкот за специјални операции, 1. механизирана пешадиска бригада, единиците кои се лоцирани во касарната, МВР и други.
Покрај поменот што се одржа во касарната „Илинден“, делегации на полкот за специјални операции положија свежо цвеќе на спомен обележјата и градските гробишта во Бутел во Скопје, село Бунарџик, Куманово и Македонска Каменица.
Во текот на денот беше реализирана акција за доброволно дарување на крв, а беа организирани и спортски натпревари. Во основното училиште во Македонска Каменица кое го носи името на загинатиот Миле Јаневски се одржа чествување на делото и работата на трагично загинатите припадници на единицата.