Денес, 11 март, се одржа свеченост по повод Денот на Центарот за резервни сили (ЦРС) во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. На свеченоста присуствуваа командантот на КОД бригаден генерал Лулзим Нуредини, команданти на единици во Армијата и поранешни припадници на ЦРС.
Во своето обраќање, командантот на центарот полковникот Ќиро Калков истакна дека овој настан има силна симболика и претставува еден од првите конкретни чекори во воспоставувањето на сопствени вооружени сили. Воедно истакна дека овие настани го означија раѓањето на Армијата и создавањето на системот на одбрана во кој свое значајно место има и резервната компонента.
Командантот на КОД, бригадниот генерал Лулзим Нуредини, во својот говор на припадниците на ЦРС најпрво им го честиташе Денот на единицата и им посака многу здравје и успех во работата. Притоа додаде дека резервните сили се доказ дека одбраната на државата е заедничка обврска. „Вашата подготвеност и посветеност за прифаќање, обука и подготовка до нивна оперативна готовност на резервниот состав на Армијата претставува значаен дел од одбранбениот систем“ истакна бригадниот генерал Лулзим Нуредини.
По повод Денот на единицата беа прочитани честитки и се доделија стимулативни мерки за припадници од единицата за остварени резултати во работата.








