Делегација од Армијата, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, учествуваше на свеченоста по повод одбележувањето на 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.
Со положување венец со свежо цвеќе пред споменикот „Ослободителите на Скопје“ на платото пред Владата, делегацијата на Армијата ја изрази јасната определба кон зачувување на антифашистичкото минато, почитта кон македонските борци кои ги дадоа своите животи за татковината и јасната и цврста определба за европска иднина на државата.
По повод настанот, пригодни обраќања имаа претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски и амбасадорот на ЕУ, Н.Е. г. Михалис Рокас.
Деветти мај е датум што го одбележува крајот на Втората светска војна, кога во 1945 година е потпишана безусловната капитулација на нацистичка Германија. Истовремено, овој ден е и Денот на Европа, симбол на мирот, единството и европската соработка. На овој ден во 1950 година, францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, ја претставил „Шумановата декларација“ со која предложил создавање на Европската заедница за јаглен и челик. Оваа заедница, основана од Франција, Западна Германија, Италија, Холандија, Белгија и Луксембург, е првата во низата наднационални европски институции од кои подоцна настана денешната Европска унија.








