Билатералната воена соработка, која се одвива на високо ниво, како и можностите за нејзино интензивирање преку заеднички активности во претстојниот период, беа главните теми на денешната средба на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски со новоназначениот амбасадор на Република Турција, Н.Е. Алпер Акташ, и новото одбранбено аташе, полковник Кемал Башол.
За време на средбата во Генералштабот на Армијата, генералот Лафчиски потенцираше дека Турција претставува наш стратешки сојузник и значаен партнер во рамките на НАТО алијансата. Тој воедно упати и благодарност за континуираната поддршка што Република Турција ја обезбедува за нашата Армија.
Во рамки на посетата, амбасадорот Акташ и полковникот Башол се сретнаа и со заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин. На средбата со генералот Нуредин беше реафирмирана заемната посветеност кон понатамошен развој на долгогодишната соработка во повеќе области од заеднички интерес за двете сојузнички земји.








