Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес 19 мај 2026 година, учествуваше на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови на земјите членки на НАТО и партнерските држави, кој се одржа во седиштето на Алијансата во Брисел, Кралството Белгија.
На состанокот, со кој претседаваше претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, се дискутираше за актуелната безбедносна состојба, зајакнување на колективното одвраќање и одбрана на Алијансата, продолжување на инвестициите во одбраната, зголемување на военото производство, континуираната поддршка за Украина, како и соработката помеѓу ЕУ и НАТО.
Во своето обраќање генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја нагласи важноста од одржување на сојузничкото единство, подготвеноста и способноста за справување со современите безбедносни предизвици.
На состанокот, на засебни сесии, свои обраќања имаа и командантот на Врховната сојузничка команда за Европа (SACEUR), генералот Алексис Г. Гринкевич, како и командантот на Врховната сојузничка команда за трансформација (SACT), адмирал Пиер Вандие, кои ги информираа началниците на Генералштабовите за тековните активности, подготвеноста на НАТО и трансформациските процеси во Алијансата.
Генералот Лафчиски активно учествуваше во дискусиите поврзани со глобалните безбедносни предизвици, интероперабилноста, подготвеноста на Алијансата за одвраќање и одбрана, како и соработката со партнерските земји.
Во своето излагање, генералот Лафчиски ја потенцираше посветеноста на Армијата кон регионалната и колективната безбедност преку учеството во меѓународни мисии, операции и НАТО активности, вклучително и мисијата на НАТО во Косово (КФОР), операцијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и активноста „Forward Land Forces – FLF“ во Бугарија и Романија.
Дополнително, беше истакната важноста на националната вежба „Блесок 26“ и оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), како примарна НАТО цел на способности, како и континуираните процеси на модернизација и опремување на Армијата во насока на јакнење на нејзината оперативна подготвеност.
На маргините на состанокот, генералот Лафчиски оствари билатерална средба со началникот на Генералштабот на Сојузна Република Германија, генерал-потполковник Карстен Бројер, на која се разговараше за поддршката на Украина, иднината на Воениот комитет и Алијансата, како и за можностите за понатамошно продлабочување на билатералната воена соработка, модернизацијата и опремувањето.
Во рамки на посетата на Кралството Белгија, генералот Лафчиски оствари средба и со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Северна Македонија во НАТО штабот во Брисел.








