Во рамки на Самитот на НАТО во Анкара, Република Турција, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски учествуваше на панел-дискусија во организација на НАТО Центарот за извонредност за стратегиски комуникации, на тема: „Навигирање низ когнитивниот простор: Што пропуштаме за когнитивното војување, вештачката интелигенција и следната граница на НАТО?“, каде што даде свое видување за борбата против дезинформациите. Воедно, генералот Лафчиски ја посети компанијата „ASELSAN“, една од водечките компании во глобалната одбранбена индустрија.
Во рамките на панел-дискусијата „Навигирање низ когнитивниот простор: Што пропуштаме за когнитивното војување, вештачката интелигенција и следната граница на НАТО?“, високи претставници од НАТО и експерти од различни области, дискутираа за когнитивното војување како сериозна и растечка закана, која со помош на вештачката интелигенција и синтетичките медиуми има за цел да ја наруши „когнитивната инфраструктура“ на демократските општества, односно споделената реалност, институционалната доверба и капацитетот за независно расудување.
За време на посетата на компанијата „ASELSAN“, генералот Лафчиски присуствуваше на презентација на сеопфатното портфолио на компанијата, по што беше реализирана обиколка на Секторот за радарски и електронски воени системи (REHIS). Началникот ја продолжи обиколката во изложбениот салон на Секторот за одбранбени системски технологии (SST), каде што детално се запозна со напредните системи за команда, контрола и наведувано оружје на компанијата. Притоа, беше потенцирана досегашната успешна соработка со „ASELSAN“, со чии современи системи за командување и контрола со огнена поддршка се опремени хаубиците „БОРАН“ 105 мм, кои од минатата година се дел од вооружувањето во нашата Армија.
Воедно, беше проследена и демонстрација во лабораторијата за противвоздушна одбрана „Челична купола“ (Çelik Kubbe), при што беа презентирани најсовремените технолошки решенија во областа на командно-информациските системи, електронските одбранбени технологии и интегрираните системи за заштита на воздушниот простор.
Учеството на панел-дискусијата и посетата на генералот Лафчиски на компанијата „ASELSAN“, претставуваат потврда за определбата на Армијата за следење на најновите технолошки достигнувања, јакнење на отпорноста кон современите безбедносни предизвици и унапредување на интероперабилноста со сојузниците во НАТО.








