По повод одбележувањето на државниот празник 2 Август – Илинден, Денот на Републиката и Првото заседание на АСНОМ, високи делегации од составот на Армијата денеска,со полагање свежо цвеќе оддадоа почит на повеќе историски спомен-обележја ширум земјата.
Армиската делегација предводена од заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, оддаде почит со полагање свежо цвеќе пред спомениците на Никола Карев, АСНОМ и Методија Андонов-Ченто во Скопје.
Во Крушево, делегација предводена од директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, учествуваше во одбележувањето со полагање свежо цвеќе на гробот на Никола Карев во меморијалниот комплекс „Македониум“, по што беше оддадена почит и пред споменикот на хероите на месноста „Слива“, како и пред споменикот на бранителите на Крушевската Република на „Мечкин Камен“.
На централната прослава во Пелинце, пред споменикот на Меморијалниот центар на АСНОМ, почит оддаде армиска делегација предводена од командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски.
Почит кон историското минато беше оддадена и во село Смилево, каде делегација од Армијата положи свежо цвеќе пред споменикот на Даме Груев и тамошните споменобележја.








