Со положување свежо цвеќе на повеќе спомен-обележја денеска беше одбележана 25-годишнината од загинувањето на припадниците од резервниот состав на Армијата кај месноста Љуботенски бачила.
Во рамки на одбележувањето, делегацијата од Генералштабот и Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски положи венци со свежо цвеќе на спомен-обележјата посветени на загинатите припадници на безбедносните сили во село Љубанци, Волково, општина Ѓорче Петров и во касарната „Илинден“.
Во чест на загинатите бранители, свежо цвеќе положија и делегации од Кабинетот на претседателката и врховен командант на Армијата, Владата, Собранието,семејствата на загинатите припадници, локалната самоуправа и здруженија на граѓани.
На 10 август 2001 година, со воено товарно возило на Армијата, на патот кај месноста Љуботенски бачила, при активирање на мина трагично го загубија животот припадниците од резервниот состав:Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.








