Во касарната „Кузман Јосифоски – Питу“ во Тетово, денес 27.08.2026 година, со воена свеченост, припадниците на 3. пешадиски баталјон (3.пб) од составот на 1. пешадиска бригада го одбележаа 27 Август – Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, команданти на потчинетите единици на 1. пешадиска бригада, претставници од штабот на бригадата, поранешни команданти на 3.пб, претставници на локалната самоуправа и други гости.
Во своето пригодно обраќање по повод Денот на единицата, командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, истакна: „Професионалноста, обученоста, компетентноста и несебичноста се ваши препознатливи атрибути, а тоа е гаранциијата дека 3. пешадиски баталјон ќе биде на висината на задачата и успешно ќе се носи со предизвиците сега и секогаш кога ќе биде потребно“.
Командантот на 3. пешадиски баталјон, потполковник Миле Станоевски, истакна дека одбележувањето на овој датум претставува потсетување на вековната борба и стремежите на повеќе генерации за слободна и независна држава, како и можност да се оддаде почит на славните предци и нивните херојски дела.
По повод Денот на единицата беа прочитани честитки и наредби за стимулативни мерки за припадници на баталјонот, а 1. пешадиски вод од 1. пешадиска чета беше прогласен за најдобар вод во составот на 3. пешадиски баталјон. Свеченоста беше можност за оддавање признание на постигнатите резултати и за потврдување на традицијата, професионализмот и посветеноста на припадниците на единицата во извршувањето на поставените задачи.








