По повод одбележувањето на 82 години од ослободувањето на градовите Делчево и Пехчево – 7 и 8 септември, како и 35 години од Денот на независноста, припадниците на 2. пешадиски баталјон од 1. пешадиска бригада реализираа Тактичко-технички збор во општините Делчево и Пехчево.
Настанот, организиран во денови посветени на историјата, слободата, државноста, воената традиција и заедничките вредности, претставуваше можност за непосредна средба меѓу припадниците на Армијата и граѓаните од овој дел на државата.
Преку изложување и презентација на дел од вооружувањето, воено-техничките средства, опремата и средствата за лична заштита, граѓаните имаа можност одблизу да се запознаат со нивната намена, карактеристики и примена во извршувањето на задачите од страна на припадниците на Армијата. Тактичко-техничкиот збор овозможи отворен разговор со граѓаните, размена на искуства и непосредно запознавање со професионалниот ангажман на припадниците на Армијата. Ваквите активности имаат особено значење во градењето и зајакнувањето на довербата меѓу Армијата и граѓаните, како и во приближувањето на воената професија до младите и пошироката јавност.
Со своето присуство и професионалниот однос кон граѓаните, припадниците на 2. пешадиски баталјон уште еднаш ја потврдија определбата на Армијата да биде народна, професионална и подготвена сила, цврсто вградена во општеството и секогаш во служба на граѓаните и татковината.








