Во периодот од 6 до 18 септември 2026 година, припадниците на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон на Армијата учествуваа на меѓународната воена вежба „COMMON CHALLENGE 26“ во Црна Гора.
Вежбата претставуваше можност за унапредување на тактичките способности, размена на професионални искуства и зајакнување на соработката и интероперабилноста со припадниците на Вооружените сили на Црна Гора, Словенија, Шпанија, Австрија и Соединетите Американски Држави.
Преку реализација на практични тактички активности, движење на терен и примена на стандардни оперативни процедури, учесниците на вежбата работеа на унапредување на индивидуалната и колективната подготвеност. Посебен акцент беше ставен на тимската работа, дисциплината, издржливоста и способноста за дејствување во сложени планински услови.
На 17 септември 2026 година, во рамките на вежбата беше реализиран Ден за високи гости, на кој присуствуваа претставници од Командата за операции и Извидувачко-разузнавачкиот баталјон и други високи државни и воени претставници од земјите учеснички. Во текот на настанот беа презентирани реализираните активности и способностите на единиците, при што учесниците демонстрираа високо ниво на обученост, професионализам, дисциплина и меѓусебна координација во предизвикувачките планински услови на полигонот за обука ,,Пирлитор”.
Учеството на вакви меѓународни воени вежби придонесува за унапредување на оперативните способности, зајакнување на меѓусебната доверба и развој на интероперабилноста меѓу вооружените сили на партнерските земји.








